
Европската централна банка (ЕЦБ) денес ги задржа сите три клучни каматни стапки на исто ниво, така што референтната каматна стапка за депозитите е 2,5 проценти, каматата за главните операции за рефинансирање е 2,65 проценти, а каматата за маргиналната кредитна линија е 2,9 проценти.
Сепак, банката предупреди дека порастот на цените на енергијата ги зголемува ризиците од забрзување на инфлацијата и забавување на економскиот раст во еврозоната.
ЕЦБ забележува дека условите за финансирање се заострени од претходниот состанок на банката за монетарната политика, што може да има и негативно влијание врз инфлацијата и економската активност.











