Нафтата и гасот поскапеа, а Шел брои милијарди – профитот достигна 10,8 милијарди долари

Британската нафтена компанија „Шел“ денес објави дека двојно ја зголемила прилагодената добивка во третиот квартал од 2026 година на 10,8 милијарди долари, во споредба со 5,43 милијарди долари во истиот квартал минатата година.

Тоа е во време кога војната на Блискиот Исток и нарушувањата на глобалните енергетски пазари ги зголемија цените на нафтата и гасот, како и маржите на профит на рафинериите.

Резултатот ги надмина очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа 10,33 милијарди долари, и беше повисок од профитот од 9,84 милијарди долари остварен во вториот квартал од оваа година, објавува Гардијан.

Растот на профитот на Шел беше поттикнат од екстремно високите маржи на рафинирање, кои достигнаа 42 долари за барел рафинирано гориво во третиот квартал од 2026 година, во споредба со 24 долари во вториот квартал.

Со тоа, тие значително го надминаа претходниот рекорд од околу 28 долари за барел, забележан во првите месеци од војната меѓу Русија и Украина.

Сегашните нарушувања на енергетскиот пазар се резултат на недостиг и сериозни штети на капацитетите на рафинериите на Блискиот Исток и Русија.

Во исто време, европскиот индекс на цените на гасот во третиот квартал од 2026 година во просек изнесуваше речиси 64 евра за мегават-час, во споредба со повеќе од 48 евра во претходниот квартал.

Глобалната цена на нафтата во истиот период во просек изнесуваше 94,9 долари за барел, во споредба со 69,1 долари во истиот период минатата година.

Конфликтот на Блискиот Исток, сепак, имаше негативно влијание врз дел од бизнисот на Шел.

Предвоеното дневно производство на гас на Шел беше намалено за една третина по сериозните оштетувања на еден од нејзините клучни постројки за преработка на гас во Персискиот Залив.