Не постои човек кој не сака да се заслади со вкусен сладолед, особено во летниот период. Но, доколку отидете во најблискиот супермаркет и сакате да купите сладолед од ванила и ја видите цената од 20 евра, тогаш сигурно ќе го заобиколите овој десерт.
Таков е случајот со жителите на Луанда, главниот град на Ангола, земја во јужна Африка која е втор по големина производител на нафта и дијаманти.
Oваа земја сѐ уште закрепнува од 27-годишната граѓанска војна која заврши во 2002 година. Дури три четвртини од производите оваа земја е принудена да ги увезува. Претседателот на Ангола, Хосе Едуардо дос Сантос, кој е на чело на земјата од 1979-та година, минатиот месец вовел царина од 50% на над сто производи, пишува Јутарњи лист.
Тој тврди дека целта на зголемените давачки е да го поттикне развојот на останатите индустрии, како што е земјоделството и другите економски гранки, за да може Ангола да биде независна од нафтата.
Овој огромен пораст на цените ги принуди дури и побогатите семејства да ги менуваат своите навики, а во најтешка позиција се имигрантите кои се доведени до работ на нивната егзистенција.
Некои производи како што се брашно, грав, ориз, масло од палма, шеќер, млеко во прав и сапуни, ќе бидат исклучени од плаќањето на овие давачки. Но, останатите производи, како и овошјето и зеленчукот, ќе подлежат на плаќање на високите давачки.