Просечната месечна нето плата, во февруари оваа година, била 21.941, додека во бруто износ истата била 30.662 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Просечната плата по вработен во февруари оваа година во однос на истиот период лани, бележи пораст од 0,1%.
Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Рударство и вадење на камен за 16,5%, Градежништво за 8,7% и Административни и помошни услужни дејности за 4%. Кај бруто платата зголемување се забележува во секторите Рударство и вадење на камен за 13,8%, Градежништво за 8,5% и Финансиски дејности и дејности на осигурување за 2,8%.
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство за 6,5%, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 6,5% и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 4.,7%.
Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство за 7%, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 6,6% и Рударство и вадење на камен 5%.
Во февруари оваа година, 1,3% од вработените во Македонија не примиле плата.