Меѓународната инвестициска конференција Сараево бизнис форум 2014 започнува денеска. Форумот што денеска и утре ќе се одржи во главниот град на БиХ е во организација на Bosna Bank International (BBI).
Присуство на оваа инвестициска конференција најави делегација на политички и бизнис лидери од Катар, како и директорот на авиокомпанијата Катар ервејз. Ќе присуствуваат водечки инвестициски фондови од Малезија, Кувајт и Обединети Арапски Емирати, но и политичари од регионот и пошироко, како и претставници на стопански комори.
Оваа година, СБФ има за цел јакнење на економската соработка и привлекување на меѓународни инвеститори во југоисточна Европа. Во претходните четири години, на СБФ се претставени преку 300 проекти.
БиХ утре ќе биде домаќин на уште еден меѓународен голем настан, најголемиот форум за претприемништво и иновации во ЈИЕ, Balkan Venture Forum (BkVF). На овој форум, 50 компании од Балканот ќе добијат можност да ги претстават своите проекти и идеи пред локални, регионални и меѓународни инвеститори. BkVF ќе се одржи во хотелот Термаг на Јахорина и на него ќе присуствуваат 25 инвеститори. Учество најавиле околу 200 претприемачи од БиХ, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора, Италија, Германија, Австрија, Албанија, Бугарија и Турција.
Balkan Venture Forum им пружа можност на најперспективните претприемачи кои се занимаваат со технологија на обновливи извори на енергија и рециклирање, информатички технологии и биолошки науки, да ги претстават своите активности, како и да остварат средби со меѓународни стратешки партнери, експерти од фондовите за ризичен капитал, корпоративни и останати инвеститори од Балканот и пошироко.