НБРМ: Пониска инфлација, доволни капитални приливи и задржување на девизните резерви

40

Пониска стапка на инфлација во текот на оваа година, доволно капитални приливи за финансирање на дефицитот и задржување на девизните резерви на адекватното ниво, прогнозира Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Најновите оценки на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму да бидат во сигурната зона. Инфлацијата значително забавува, а нејзината динамика е последица на фактори на страната на понудата. Се потврдуваат очекувањата за постепено засилување на економскиот раст, додека остварените и оценетите поместувања на кредитниот пазар упатуваат на можност за постепено слабеење на надолните ризици поврзани со динамиката на кредитната активност.

Ова економско закрепнување ќе продолжи, прогнозираат од НБРМ, со динамика слична на оценките дадени во октомвриските проекции. Растот нема да биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата во форма на инфлациски притисоци и позначително влошување на надворешната позиција.

И во следниот период ќе бидат присутни факторите што и досега делуваа стимулативно врз растот – подобрување на глобалното окружување, зголемување на искористеноста на потенцијалот на странските извозни капацитети, фискалниот стимул врз инвестициите и постепеното закрепнување на потрошувачката.

Остварувањата во реалниот сектор минатата година беа во согласност со октомвриската проекција, а показателите за активноста во првото тримесечје упатуваат на продолжување на поволните трендови.

Движењата на кредитниот пазар остварени во 2013 година беа подобри од очекувањата, при натамошно задржување на поволните трендови и од почетокот на 2014 година, што може да упатува на постепено остварување на ефектите врз кредитната активност од досегашното монетарно олабавување и намалена одбивност кон ризик од страна на домашните банки. Во вакви услови, а при оценки за генерално подобар економски амбиент во следниот период, очекувања за раст на депозитите и за подобрена кредитна побарувачка и последните оценки укажуваат на натамошно забрзување на кредитниот раст во следниот период.