Google го претстави прототипот на автомобил без педали, сопирачки и волан

42

google avtomobil

Google го претстави прототипот на автомобилот што се движи само со притискање на едно копче. Овој прототитип не ги содржи основните елементи што ги има секој автомобил бидејќи нема сопирачки, педали и волан, пишува Business Insider.

Google планира да направи од 100 до 200 примероци од оваа верзија на автомобили. Тие ќе бидат направени со материјали за изработка на автомобили од добавувачи ширум светот.

Коосновачот на Google, Сергеј Брин го промовираше прототипот на овој автомобил на Code Conference. Тој рече дека го претставуваат прототипот на автомобил што многу скоро ќе се најде на патиштата.

“Нашиот софтвер и сензорите ја вршат целата работа. Возилата ќе бидат многу едноставни и нашата цел е луѓето да се прилагодат на нив што е можно поскоро, бидејќи доволно е да притиснете едно копче и да заминете таму каде што посакувате“, напиша Крис Урмсон, директор на Google Self – Driving Car Project, на официјалниот блог на Google.

Овие автомобили се дизајнирани да бидат безбедни и да немаат потреба од интервенција од страна на луѓето. Тие нема да имаат ниту педала за гас, ниту сопирачки, ниту пак волан, бидејќи, како што се наведува на блогот на Google, тоа не е потребно.

За креаторите на овој револуционерен автомобил најважна е целосната безбедност на патниците во сообраќајот.

“Овие автомобили имаат сензори со кои ќе ги детектираат сите слепи точки, и ќе можат да откриваат објекти на растојание од над две фудбалски игралишта во сите правци, што е особено важно за големите сообраќајници каде има поголема фреквенција на возила. Кога станува збор за внатрешноста, на патниците им нуди комфорт и безбедност, а не луксуз. Ќе има место за двајца, како и простор за багаж на патниците, копчиња за вклучување и исклучување, како и екран кој ја покажува маршутата на движење“, стои на официјалниот блог на Google.