Македонија меѓу најповолните дестинации за странските инвеститори

35

indeks fp

Доколку работите во компанија што планира својот бизнис да го прошири во странство или пак можеби сте инвеститор кој се надева дека може да го прошири своето работење на пазарите во развој, во тој случај секако се прашувате кое е вистинското место за инвестирање во следните пет години.

На ова тешко прашање, особено во последните кризни години во САД и Европската унија, одговара Foreign policy, на чија страна е објавена мапа базирана на индексот на профитабилност.

Македонија, според оваа мапа, е оценета како 29 најповолна дестинација за странски инвестиции во светот.

Земјава забележа напредок од пет места во однос на минатогодишната анализа на ова списание, што беше за прв пат спроведена.

Индексот ги оценува државите според осум категории – предвидениот економски раст, финансиската стабилност, општата безбедност на земјата, нивото на корупција, опасноста од одземање на имотот од страна на државата, експлоатација од локалните партнери, контрола врз текот на капиталот и валутната стапка.

Од земјите во регионот, Македонија и Бугарија се истакнуваат како водечки дестинации за странски инвестиции, додека Грција која е пласирана на 101 место, е обележана како една од најлошите дестинации за странски вложувања.

Романија е на 48 место, Србија е 55-та, Словенија ја зазема 74-та позиција, а Турција, поради политичката криза и понискиот очекуван раст, падна на 79-то место.

На лидерските места на листата, според индексот, Хонг Конг, Тајван, и Катар, но, она што е интересно е што на истата се најдоа повеќе држави од Африка, како што се Боцвана и Гана, за кои списанието оценува дека се неоткриени пазари за инвеститорите.

На дното на листата се најде Венецуела, која се соочува со протести и закана од граѓанска војна, а како земји кои не се погодни за инвеститорите се вброија и Аргентина, Конго и Ангола.