Јапонската компанија за производство на природна козметика Shokubutsi Hana има одлична идеја како преку рекламирање да ја заштитат и животната средина.
Компанијата дизајнираше уникатен билборд долг 88 метри, направен од специјални материјали што ги апсорбираат токсините во реките, а неговиот капацитет е филстрирање на 8.000 литри вода дневно.
Еколошкиот билборд е поставен во загадената река Пасиг во престолнината на Филипините, Манила.
“Нашата цел е да докажеме дека убавината доаѓа од моќта на природата. Она кон што тежнееме не е само убавина, туку и здрава и чиста иднина“, стои на официјалната страница на компанијата Shokubutsi Hana.
Сличен ваков концепт се појави на Филипините пред три години, кога компанијата Coca – Cola и World Wildlife Fund конструираа 60 метарски билборд чија цел беше прочистување на загадениот воздух.
И научниците од Универзитетот за инженерство и технологија во Перу докажаа дека е можно да се поврзе маркетингот со заштитата на животната средина. Тие дизајнираа билборд што заменува 1.200 дрвја, кој прочистува 100.000 кубни метри воздух дневно.