Меморандум за соработка меѓу Стопанската комора за туризам и ПМФ

44

Стопанската комора за туризам на Македонија и Природно – математичкиот факултет, Институт за географија, насока туризам при Универзитетот Св. Кирил и Методиј Скопје, денеска потпишаа меморандум за соработка.

Со меморандумот се предвидува дипломираните студентите од овој факултет да влезат во датата на податоци на Комората за туризам која ќе ги препорачува за вработување. Покрај тоа, се предвидува Факултетот и Комората да работат заеднички проекти во земјава и странство, како и факултетот да ги усогласи наставните програми со потребите на комората.

“Голем број од нашите студенти веќе се на пракса во десетте најголеми туристички агенции во Република Македонија, а најголемиот дел од нив ќе склучат професионални договори за работа. Со денешното потпишување на меморандумот за соработка само се официјализира соработката која и досега ја имавме“, рече Проф. д-р Никола Панов.

Најголем дел од нивните студенти, како што рече тој, се запишуваат на Факултетот за да работат во туристичките агенции или во делот на туристичкото стопанство како туристички водичи, пратители на групи и раководители на агенции.

Потпретседателот на Стопанската комора за туризам на Македонија Стеван Пешевски истакна дека веќе подолго време трае трендот на соработка на комората со факултетите за туризам во Македонија.

“Целта ни е на тој начин да овозможиме стручните кадри кои излегуваат од овие високообразовни институции полесно да се вклопат во дејноста независно дали е тоа работа во туроператори и туристички агенции, хотели и хотелско-угостителските услуги или, пак, другите компаративни дејности. Нашата намера е соработката да се одвива во двете насоки, односно како во насока на дообука и практична настава за студентите за нивно доуостручување и лесно вклопување, така и факултетот низ научно – истражувачката дејност да ги доближи новите трендови во туризмот до нашето туристичко стопанство“, рече Пешевски.