Извозот на кондиторски производи лани пораснал за 19%

221

cokoladni bonboni

Македонија во текот на 2013 година извезла кондиторски производи во висина од 34,1 милиони долари, што е за 19% повеќе во однос на претходната 2012 година, кога извозот достигна 28,7 милиони долари, покажуваат податоците на Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Она што е важно да се потенцира за овој сектор е намалениот увоз за 14%, што укажува дека домашните производители на слатки производи ги истиснаа странските конкуренти на домашниот пазар.

Во текот на минатата година, вкупниот извоз на кондиторски производи беше 13.220 тони, додека увозот “тежеше“ 10.775 тони.

Кондиторските производи од Македонија најмногу завршуваат пазарите во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и во Австрија, Словенија, Словачка, САД, Австралија и на Блискиот Исток.

Кондиторската индустрија, што подразбира производство на чоколада, бонбони, бисквити, вафли, кремови и гуми за џвакање, е важен играч во прехранбената индустрија бидејќи е голем работодавач, но и користи производи и услуги од други домашни производни капацитети.