Промовиран првиот ултра – ексклузивен македонски вински бренд Domaine Lepovo

39

Domaine Lepovo Chardonnay_FOTO

ВВ Тиквеш го промовираше првиот ултра – ексклузивен македонски вински бренд – Домеин Лепово, именуван според прекрасниот локалитет – поседот Лепово, кој со сите свои карактеристики е идеален за одгледување грозје и производство на префинето вино со извонреден квалитет.

Домеин Лепово е нова винарница во сопственост на групацијата М6 од 2013.

Светозар Јаневски, партнер во групацијата М6 и претседател на управниот одбор на ВВ Тиквеш, на промоцијата на првиот ултра – ексклузивен вински бренд, истакна:

„Дојде времето кога треба да го потврдиме она што досега сме го постигнале и да понудиме дополнителна вредност. Со Домеин Лепово го правиме токму тој исчекор што ќе ни овозможи да му го понудиме на светот, на вистинските љубители и сладокусци, виното кое претставува нешто поинакво од сите наши досегашни достигнувања. Ова е еден нов чекор во диверзификацијата и на портфолиото на ВВ Тиквеш. На ваков начин воведуваме значајна новина во пристапот на производство на ограничени количини префинето вино во мала винарница, но истовремено даваме нов импулс, нова енергија во развојот на македонската винска индустрија“.

Домеин Лепово ексклузивните вина се креација на винскиот „магионичар“ Филип Камби. Во нив се вградени најдобрите француски практики и знаење во производство во ваков вид вина. Терминот „Домеин“ означува дека целокупниот производствен процес се одвива на истиот посед каде што се наоѓаат лозјата. На поседот Лепово кој се наоѓа во близината на Неготино, насадени се 5 сорти грозје – Шардоне, Вранец, Пино Ноар, Каберне Совињон и Мерло. Лозовите насади се со просечна старост од 15 години.

Поради извонредниот квалитет, ексклузивните вина Домеин Лепово се наменети за најпребирливите љубители на виното. Тие ќе бидат достапни само во мал дел продажни објекти со големи вински секции, во ограничен број угостителски објекти во земјава и на најзначајните светски пазари.

Прво на пазарот се појавува белото вино Доменин Лепово Шардоне, чие годишно производство изнесува 5.000 литри. Од винарницата најавуваат дека до крајот на годинава ќе биде лансирано Домеин Лепово Пино Ноар, а портфолиото ќе биде заокружено со Домеин Лепово Гранд Куве, кое се очекува да биде промовирано во јуни 2015-та година.