Дурекс го избра победничкиот тим којшто ја создаде најдобрата апликација за паметни телефони и таблети. Мултифункционалната апликација содржи едукативен квиз со чие одговарање се добиваат точните информации, календар за овулација, како и други интересни и корисни содржини. Целта на апликацијата е корисниците да може да добијат сигурни и проверени информации за превенцијата од сексуално преносливи инфекции и кои се најсигурните средства за заштита од непланирана бременост. Креатори на најдобрата и наградена апликација се Жанко Митрески како координатор, Ерхан Таири и Тони Наковски.
„Денес младите луѓе буквално зависат од своите паметни телефони и можностите што ги имаат, затоа веруваме дека преку една ваква апликација најлесно ќе стигнеме до нив. Со Дурекс апликацијата целта ни е да им помогнеме да дојдат до точни и проверени информации, одговори на прашања што се срамеле или не знаеле каде да ги добијат во врска со сексуално преносливите инфекции, несакана бременост и воопшто за сексуалната одговорност“, изјави Елена Гагиќ од Меркур Трејд, генерален застапник за брендот Дурекс во Македонија.
Студентите од Универзитетот Св. Апостол Павле од Охрид ги демонстрираа своите напредни програмерски знаења и на барањето одговорија со врвен квалитет. Секој од трите тима кои се натпреваруваат разви одличен концепт и креативни решенија за апликацијата. Победничкиот тим е награден со таблет – уреди, а нивната апликација ќе биде искористена од брендот Дурекс и ќе биде достапна за симнување на AppStore и Google Play на локално ниво.