По големите европски сцени на кои секојдневно ги држи своите инспиративни говори, Мади Шарма на 3 и 4 јули ќе можеме да ја видиме и во Скопје. Со двете еднодневни работилници посветени на претприемништвото и Македонија ќе добие свое место на мапата на земји во кои е почувствуван Мади Ефектот.
Дамата која царува во деловниот свет и успева да го разбуди претприемачкиот дух кај сите нејзини слушатели, во Скопје, заедно со нејзиниот тим, ќе одржи две бесплатни еднодневни работилници под името Имам идеја за бизнис, сега што? На овие работилници, слушателите преку нејзиниот личен пример ќе можат да добијат насоки, како работејќи на себе да успеат да ги достигнат своите соништа и да станат успешни. Она што ја разликува Мади од сите останати инспиративни говорници е нејзината посветеност кон вистинските вредности, кои и покрај суровоста на деловниот свет, се уште се применливи и во бизнисот. Таа со посебен жар говори за моралот и етиката, за социјалната одговорност и за задоволството од водењето на бизнис, вредности, кои во денешницата се ставени на маргините и се заменети со суровата желба за профит. Во фокусот на нејзините инспиративни говори, посебно место му припаѓа на женското претприемништво, кое и во 21 век се соочува со специфични проблеми и препреки, како што се: традиционалните сфаќања за позицијата на жената во семејството, отежнатиот пристап до информации и финансиски извори итн.
Познавајќи ги приликите во нашиот регион, но и можностите кои секој од нас ги поседува, Мади одлучи овие работилници да бидат бесплатни, со цел добро познатиот Мади Ефект кој поттикнува промена да биде достапен до пошироката публика. Работилниците ќе се одржат во просториите на Сивус Едукативниот и Развоен Центар SEEDC на 3 и 4 јули, со траење од 10 до 14 часот. Пријавите ќе се доставуваат на следната е- адреса: [email protected]
Еднонеделната работна посета на Македонија, Мади Шарма ќе ја искористи и за низа средби со бизнис заедницата и невладиниот сектор, со цел да ги запознае со нејзината нова инвестиција во Македонија, Бизнис Комплексот КоСид кој треба да започне со работа овој септември.
Мади Шарма е жена- претприемач, која ја основа, инспирира и мотивира Мади Груп, групација на меѓународни приватни компании, социјални претпријатија, како и меѓународна глобална мрежа на независни и непрофитни организации – Мади Центри. Философијата на Групацијата е креирање на иновативни идеи прилагодени за локални активности кои имаат глобално влијание и придонесуваат кон одржливо општество.
Како инспиративен говорник, таа храбро ги презентира своите ставови на темите претприемништво, различност и полова рамноправност и вдахновува инспирација за позитивна промена кај секој слушател.
За своето глобално делување таа има добиено повеќе признанија меѓу кои Asian Woman of Achievement и UK’s Best Boss, а Британската влада ја именуваше и за свој претставник во Европската економска и социјална комисија.
За неа во оваа година е снимен и документарниот филм, кој наскоро треба да ја доживее својата премиера.