Земјите од BRICS формираат свој ММФ

63

brics

Руската влада го одобри предлог договорот за основање заеднички фонд за стабилизација на девизните резерви на Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република – BRICS, со вкупен капитал од 100 милијарди долари. Новата финансиска структура ќе биде конкуренција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), а постои можност седиштето да биде во Русија, јавува порталот Руски весник.

На основа на предлог договорот, доларските девизни резерви ќе останат на сметките на централните банки, со што ќе им бидат ставени на располагање на оние земји членки кога имаат потреба за тоа.

Во рамки на проектот, како што објаснува Василиј Јакимкин, доцент на руската академија за економија и државна администрација, ќе бидат основани две структури. Како прво, тоа се девизните резерви за стабилизација со капитал од 100 милијарди долари, што претставува директна конкуренција на ММФ. Во овој фонд земјите на BRICS ќе имаат различен удел: Кина од 41 милијарди долари, Русија 18 милијарди долари, исто толку и Бразил и Индија, додека Јужноафриканската Република ќе партиципира со пет милијарди долари.

Вториот сегмент се однесува на основање нова Развојна банка со почетен капитал од 50 милијарди долари, во која секоја земја ќе вложи по 10 милијарди долари.

“Се очекува договорот за основање на овие институции да биде потпишан на 15 јули на самитот на шефови на државите членки на BRICS, а да почнат со работа од 2015 година“, вели Јакимкин.

Првичниот договор за новиот монетарен фонд го направи Бразил, додека Русија беше задолжена за склучување на меѓувладините договори.