Вински фестивал 2012 во организација на скопски саем

44

Од 12-ти до 15-ти декември, во организација на Скопски саем, ќе се одржи Вински фестивал 2012.

Освен различните видови вино од македонските визби, посетителите на овој фестивал ќе можат да пробаат и млечни и месни производи од најдобрите производители во земјава.

Според програмата ќе има и попладневни ди-џеј забави, кои ќе траат од 17 до 21 часот, секој ден. Забавата потоа ќе продолжи до 1 часот по полноќ со настапи на познати имиња од домашната сцена, Сешн селекшн, Жаклина Стефковска, Стринг форсис, Аренси бенд, Нокаут, Скопски чалгии и Кумановски тамбураши со Нино Величковски.

“Задоволни учесници и задоволни посетители е мотото на годинашниот вински фестивал. Ефективниот спој на забавното со корисното посетителите ќе можат да го искусат преку дегустација на повеќе производи и истовремена споредба на квалитетот и вкусот. Ќе се претстават најпознатите сорти грозје, категориите на вино и нивниот ред во служење, правилниот начин на отворање на шишињата, протоколот во винскиот сервис и соодветното комбинирање на одреден тип вино и храната”, изјави проект-менаџерот Иво Ивановски денеска на прес-конференција.

На четиридневниот Вински фестивал кој ќе се одржи во Метрополис арената, регистрирани се 30 учесници, винарски визби и производители на млечни и месни производи. Посетителите ќе можат на самото место да купат од производите кои ќе бидат изложени. Со секоја купена влезница, чија цена ќе биде 100 денари, посетителите ќе добијат и гратис чаша за вино.

Винскиот фестивал за првпат беше организиран минатата година како иновативен концепт кој на сите посетители и љубители на виното треба да им овозможи богато винско искуство со богата музичка програма.