Металуршката компанија Макстил прикажа сеопфатна добивка од 993.488 денари, покажуваат податоците од извештајот за работење на компанијата, објавен на Македонска берза.
“Вкупните приходи во извештајниот период достигнаа ниво од 2.133.033.574 денари, што претставува раст во однос на истиот период минатата година за 10,5% како резултат на незначителниот раст на испорачаните количини, како и извесниот раст на останатите деловни приходи. Растот на трошоците бележи стапка од дури 60%, но заради ефектот на зголемените завршни залихи остварена е бруто добивка од 1.610.295, што после оданочените непризнаени расходи се сведува на износ од само 993.488 денари или помалку од 1/10 од минатогодишниот“, се наведува во извештајот на компанијата.
Во првата половина на годината произведените количини сопствен челичен полуфабрикат се на ниво под 30% од реалните производни можности, што во основа важи и за произведените топловалани дебели лимови (96.076 тони) како финални производи.
“Режимот на работење во набележаните околности трошоците на капацитетот заради неговото нецелосно искористување ги прави исклучително високи, што во зимски услови наработење овој чинител состојбата ја прави дополнително сложена. Нема позначителни промени ни кај продажните цени кои во еден подолг временски период остануваат непроменети, што има нагласено влијание врз остварените деловни резултати во извештајниот период“, се наведува во извештајот.