Македонија се приближува и се усогласува со работното законодавство на ЕУ

18

Македонија се приближува и се усогласува со работното законодавство на Европската унија – ова е заклучокот на денешната тркалезна маса на тема Хармонизација на ЕУ – Директивите со работно законодавство, преку размена на искуствата на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ, во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС). На тркалезната маса учествуваа Питер Зајденек, претставник на Европската конфедерација на синдикати, претставници на Министерството за труд и социјална политика и Министерстовото за Информатичко општество и јавна администрација, претставник на Фридрих Еберт фондацијата, на Меѓународната организација на трудот, како и синдикални претставници од Бугарија, Србија, Црна Гора.

Државниот секретар при Министерство за труд и социјална политика, Стојан Трајанов, објасни дека во Законот за работни односи се транспонирани речиси сите 20 Директиви на ЕУ во оваа сфера. Досега речиси целосно е воведена директивата поврзана со информирањето и консултирањето на работниците во случај на колективни отпуштања од страна на работодавачите.

Директивата за заштита на вработените во случај на несолвентност на фирмите допрва треба да се воведе.

Вработените во здравството, образованието, културата и јавните претпријатија од општините и Градот Скопје веќе не се дел од јавната служба, објасни Владимир Анчев од Министерството за информатичко општество и јавна администрација. Сепак, според него, факт е дека докторите не се јавни службеници, но другите што работат во здравствените институции припаѓаат на оваа категорија. Дополнително, професорите не се јавни службеници, но оние што работат во администрација се јавни службеници. Помошниот и административниот кадар и во културата треба да се јавни службеници.

Од МИОЈА објаснуваат дека тешкотија е тоа што нема конкретни ЕУ директиви кои треба да се применат околу регулирање на администрацијата, туку дека е оставена на слободната волја на секоја земја, сама да ја регулира администрацијата и да презема добри практики од државите.

Според Билјана Чкламовска, претставник на КСС, неопходно е да се работи на имплементација на информирањето и консултирањето на работниците од страна на работодавачите. За Синдикатот ова е сериозен предизвик на кој треба да се работи затоа што работодавачот е должен да обезбеди информации за тековната состојба на правниот субјект, за структурата и можниот тек на вработувањата, за значајните промени во организацијата и систематизацијата кои може да бидат закана за нивното вработување.

При масовни отпуштања (20 работници во период од 90 дена), неопходно е да постои информирање и консултирање од страна на работодавачот. Процесот на консултирање со работниците треба да започне најмалку месец дена пред да започне процесот на отпуштање.

Во Македонија, годишно, има околу 9.000 трудови спорови пред судовите. Околу 80% од нив се однесуваат на неисплатени плати, придонеси или надоместоци од плати. Сепак, според државниот секретар во МТСП, Трајнов, тие се најпогодни за решавање преку инструментот „мирно решавање на трудовите спорови“. Еден трудов спор пред судот чини од 500 до 1.000 евра, а ако се примени мирното решавање (платена медијација), тие изнесуваат околу 100 до 120 евра во денарска противвредност.