Проектот Индустриска зона Жабени, кој е еден од најзначајните проекти за развојот на Општина Битола и регионот, ги донесе очекуваните резултати. Во фабриката на светски познатиот бренд Кромберг и Шуберт веќе работат над 150 граѓани, а дел од нив се обучуваат во опремените работилници во СОУ Таки Даскало во Битола.
“Вкупно 153 наши граѓани се нововработени, тие се примени, дел од нив веќе работат во Кромберг и Шуберт, некои од нив се на обуки во други земји, кај другите фабрики на инвеститорот, но последниве 80 новопримени треба да се обучуваат пред да влезат во фабриката за работа со таа најсовремена технологија. Се договоривме да дојдеме овде и да најдеме простор во СОУ Таки Даскало за да се обезбеди обуката, директорот прифати, а обуката се одвива во соработка со Кромберг и Шуберт”, рече градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески.
Вработените ги обучуваат експерти кои ја познаваат технологијата која што се користи во Кромберг и Шуберт, а обуката се спроведува во две смени. Преку овие активности училиштето и фабриката Кромберг и Шуберт истовремено и соработуваат, што ветува нови придобивки и за училиштето.
“Многу ми беше мило што можевме да излеземе во пресрет на една реномирана фабрика како што е Кромберг и Шуберт, моментно обуката се спроведува во просториите на нашето училиште. Во соработка со градоначалникот и Општина Битола излегуваме во пресрет на компанијата. Во натамошниот период сме подготвени да излеземе во пресрет со кадар и простор и за други инвеститори доколку има интерес. Кромберг и Шуберт во интерес на ваквата соработка ќе донира материјали потребни за училиштето”, изјави Владимир Трифуновски, директор на СОУ Таки Даскало.
Со ова се отвара можност и за други институции, кои се очекува понатаму да соработуваат со новите инвеститори. Планирано е до крајот на март 2013 година, во фабриката Кромберг и Шуберт да се вработат околу 500 граѓани.