Европската комисија (ЕК) денеска претстави низа вонредни мерки за помош на земјоделците во ЕУ погодени од руското ембарго за увоз на овошје и зеленчук од Унијата, јавува Танјуг.
Во соопштението се наведува дека ќе бидат одвоени средства во висина од 125 милиони евра за поддршка на производителите на домати, моркови, зелка, пиперки, карфиол, краставици, печурки, јаболка, круши, грозје и киви.
Состојбата со европските земјоделци ќе биде разгледана и на состанокот на земјоделските експерти од земјите членки на Унијата, на состанокот закажан за 5-ти септември.
Според прогнозите на економистите, Европската унија ќе изгуби 12 милијарди евра поради санкциите наметнати од Русија. Русија како одговор на санкциите на Запад поради поддршката за бунтовниците во Украина, на 7 август воведе целосна забрана за испорака на говедско, свинско месо, живина, овошје, зеленчук, риба, сирење, млеко и млечни производи од земјите од ЕУ, Австралија, Канада, Норвешка и САД.
ЕУ минатата година во Русија извезла земјоделски производи во вредност од 11,8 милијарди евра, што е 9,9% од вкупниот европски извоз, вклучувајќи го и месото во вредност од 1,2 милијарди евра.