Нова инвестиција за нов глобален исчекор на врвните вина на Тиквеш

40

Igor Ilievski_generalen direktor na V.V. Tikvesh

Во екот на годинешната берба на грозјето, винарската визба Тиквеш претстави нова инвестиција во производството на вино вредна половина милион евра. Средствата се вложени во набавка и монтажа на посебни танкови за ферментација на грозје и производство на врвни вина со уникатен карактер.

“Најновата инвестиција е доказ за посветеноста на Тиквеш во континуирано вложување во производството со цел добивање автентични црвени вина со највисок квалитет. Станува збор за танкови кои се со мали димензии и овозможуваат обработка на грозје парцела по парцела т.е. следење и контрола на квалитетот на виното уште во фаза на ферментација. Ова е спој на традиционалната метода на ферментација која е употребувана во овие краеви во минатото и најновите трендови особено популарни меѓу производителите во областа Бургундија во Франција, но и кај големите винарски визби во Италија, Шпанија и САД“, изјави генералниот директор на Тиквеш, Игор Илиевски.

Трендот на употреба на овој вид танкови за производство на висококвалитетни вина во светски рамки е сѐ поизразен. Овие танкови се од природен материјал – бетон кој во случајот има улога на природен изолатор, што овозможува стабилизирање на температурата на виното, односно побавно ладење, што е особено важно во процесот на ферментација на црвените вина.

Со најновата инвестиција, Тиквеш ја потврдува својата долгорочна посветеност во производството на уникатни вина со автентичен карактер, го подобрува нивото на квалитет на црвените вина и го зајакнува својот севкупен капацитет кој изнесува околу 30 милиони литри. На тој начин, Тиквеш ја потврдува својата лидерска позиција во земјава и регионот, станувајќи чекор поблиску во остварување на стратешката цел – да стане сериозен конкурент на глобалниот вински пазар. Вината на Тиквеш, чиј врвен квалитет добива сѐ поголема препознатливост и меѓународна верификација од најпознатите светски вински критичари, отвораат нови перспективи за пласман на македонските вина на најзначајните светски пазари.

По преземањето на компанијата од страна на М6 групацијата во 2003-та во Тиквеш се бележат инвестиции во производството од близу 30 милиони евра.