Македонски Микросам е вест во руските медиуми по производството на машина што ќе се користи во создавање на карбонски авио делови опашен дел од МС-21 или авионот на 21 век.
Како што пренесуваат руските медиуми, со оваа машина се избегнува рачната работа во производството на опашката на авионот, односно целиот процес е автоматизиран со што се исклучува веројатноста од технички грешки предизвикани од човечка природа.
Во извештаите од руските медиуми се вели дека целосна проекција на машината, изработка на софтверот и обука на кадарот за ракување со машината се дел од обврските на Микросам кон компанијата „Технологија“. Овој тип на машина овозможува да се намали проблематичниот дел во изработка на композитни делови со површина со единечна и двојна закривеност со димензии од неколку квадратни сантиметри до делови со големи димензии, како и производство на делови со променлива дебелина во посебни зони.
Веста дека специјалистите на македонската фирма Микросам ја извршија оваа тешка задача ја пренесе и руската телевизија Р24 во ТВ прилогот каде се потенцира дека поради големата специфичност и сложеност на софтверот, машината ја управуваат инжињерите на Микросам.
Компанијата „Технологија“ како дел од холдингот „РТ Химкомпозит“ започна да работи на проектот за производство на авионот МС-21, во делот на производство на панели за стабилизатори и елементи од стабилизатори. „РТ Химкомпозит“ е холдинг каде членки се важни компании од научната дејност во Русија чија основна мисија е да спроведуваат научни истражувања и иновации во делот на полимерно – композитни материјали и производи од нив.
Авионот на 21 век како што го нарекуваат МС – 21 ќе има капацитет од 150 – 212 патници, а првиот авион се очекува на пазарот во 2017 година. МС-21 според проценките ќе биде за 15% поефективен авион од Аирбус и Боинг, поради тоа што има 15% поголема предност во структурална тежинска ефикасност, 20% помали оперативни трошоци и за 15% ќе троши помалку гориво од останатите во негова класа авиони. Првичната проценка за цената на овој авион е 35 милиони американски долари.
Оваа вест само го потвдрува вискиот рејтинг на македонската компанија и нејзината моќ во делот на композитини материјали и роботика на светско ниво.