Патувањата носат нови пријателства, запознавање со културата, традицијата и историјата на местото што се посетува. Секој човек има различна визија за тоа какво сака да биде неговото патување и што очекува од истото. Некои сакаат плажа, море, планина, други да посетуваат историски знаменитости и одбележја.
Литерарниот туризам е еден вид на културен туризам со цел запознавање на нови култури на интересен начин. Истражувајќи детали за животот на омилениот писател и неговиот фиктивен свет, луѓето запознаваат нова култура додега ги посетуваат знаменитостите поврзани со животот на писателот или главните јунаци од неговиот роман. Некои градови умеат многу подобро да го искористат тој “литерарен“ потенцијал и успеваат да ја унапредат својата туристичка понуда. Еден од таквите градови е Лондон, каде што може да се резервира посебна туристичка тура во чест на Артур Конан Дојл, или поточно неговиот јунак Шерлок Холмс.
Дека литерарниот туризам има долга историја зад себе говори и фактот што во текот на 19 век бил популарен “аџилакот“ до местото каде што биле родени познатите уметници. Едно од тие места што и денес е популарно е градот Стратфорд, родното место на Вилијам Шекспир. Куќата за која се верува дека таму е роден Шекспир е реставрирана и отворена за туристите. Овој адаптиран музеј многумина го нарекуваат “Мека на љубителите на книжевноста“.
На литерарниот туризам од голема помош му се новите технологии. Преку паметните телефони или лап топ компјутери може да се пребаруваат текстови во кои има вметнато линкови што нудат дополнителни информации за посакуваната дестинација, но има и такви линкови преку кои може да се направи хотелска резервација, туристичка тура или вечера во локален и познат ресторан.