Советодавната помош и трансфер на практично знаење од голема помош за бизнисот

37

Многу од бизнисите не се свесни за придобивките од користење советодавна помош и трансфер на практично знаење, или пак не се сигурни како најдобро да менаџираат со консултантски проект, укажува Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Преку информативна кампања што ја почна денеска во Скопје, а се спроведува во вкупно 25 држави, ЕБОР планира да ја зголеми свесноста на малите и средните компании за можностите од бизнис советувањето.

“Во многу извештаи пристапот до финансии се става на прво место, но нашето искуство покажува дека е многу важно и бизнис советувањето. Вистинските промени се случуваат тогаш кога ќе примат совет од компетентна личност и во вистинско време, а промената што се случува на база на тие совети ја води фирмата на едно повисоко скалило“, изјави Маја Антеска, национален менаџер на програмата на ЕБОР за поддршка на мали бизниси, пренесува Миа.

Анализите, укажа, покажуваат дека за 60% се зголемила продажбата во над 70% од  компаниите со кои работеле од ЕБОР.

“Како што компаниите растеле го зголемувале бројот на вработени, односно креирале нови 700 работни места. Значен индикаторт е што 20% од компаниите пристапиле до надворешно финасирање во форма на кредити или сопственичко инвестирање и притоа инвестирале 30 милиони евра. Тоа е показател дека пристапот до бизнис советување know how влијае на  растот на бизнисот“, наведе Антеска, истакнувајќи дека ЕБОР нуди компетентна помош на компаниите и ги поврзува со соодвететни консултанти и експерти, при што покрива 50% од трошоците.

Од извозно ориентираната домашна информатичка компанија Инфинит солушнс преку ЕБОР ангажирале експерт од Ирска, кој, според менаџментот, помогнал да ја зголемат продажбата.

“Иако проектот е уште во тек можеме да забележиме дека имаме зголемена продажба и компанијата расте во ланецот на правење  бизнис. Практично сега веќе се соочуваме со еден друг проблем, имаме продажба но, немаме доволно ресурси за да можеме да ги реализираме сите потенцијални проекти“, изјави Виолета Велевска, раководител на Инфинит солушнс.

Според  Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопанската комора на Македонија, искористувањето на знаењата и вештините на еминентни меѓународни експерти е од огромно значење.

“Странските бизнис советувања за домашните компании влијаат на зголемување на нивната конкурентност, воведување иновации, раст на самата дејност на претпријатијата, зголемување на ефикасноста и продуктивноста кои резултираат со зголемување на продажбата на домашниот пазар, а што е уште поважно и зголемен извоз но исто така и позиционирање и освојување нови пазари“, рече Алексов.

Канцеларијата на ЕБОР во Скопје претходно организираше промотивни настани за информативната кампања во Тетово и во Битола, со учество на претставници на мали и средни претпријатија, бизнис асоцијации и претставници на Владата.