Биди паметен, избери претприемништво: Бидете дел од втората Smart up конференција

konf

На 15 октомври на Економски факултет во Скопје, SWT Alumni Македонија ќе ја организира втората по ред Smart Up конференција, чија основна цел е да ги мотивира и да го поттикне претприемачкиот дух на младите во Македонија. Настанот е поддржан од Американската амбасада во Македонија, Американската стопанска комора во Македонија, CEED Македонија и Економскиот факултет во Скопје.

Втората по ред Smart Up конференција ќе започне во 17:30 ч и ќе трае до 20:30 ч. Програмата на конференцијата ќе биде поделена во два дела, а официјално ќе биде отворена од страна на американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс и деканот на Економскиот факултет – Љубомир Дракулевски. Во првиот дел, десет млади, успешни претприемачи кои беа дел од првата Start Up академија, во две минутна презентација ќе ги претстават своите бизнис идеи на кои работеа за време на првата Start Up Aкадемија. Во вториот дел на конференцијата, присутните ќе имаат можност да ги слушнат успешните приказни на г-дин Божидар Јанковски, сопственик на Diners Club International во Македонија, г-ѓа Елеонора Згоњанин, сопственик на штедилницата Фулм и Стојан Дебарлиев, доцент на Економскиот факултет, како и нивните подеми и падови со кои се соочиле во градењето на нивната кариера. Модератор на конференцијата ќе биде Ана Јовковска.

Учеството на оваа конференција се обезбедува со пополнување на апликацијата за Smart Up Conference vol. 2.

За SWT Alumni Macedonia: Организаторот Summer Work & Travel Алумни Македонија (SWT Алумни) е непрофитна организација, доброволно формирана од група на млади студенти, по иницијатива на US State Department, односно Bureau of Educational and Cultural Affairs. Основна цел на SWT Алумни е создавање на интерактивни и развојнo кариерни програми и иницијативи кои ќе им овозможат на младите целосно да ги развијат своите вештини и знаења за да можат полесно да ги имплементираат своите иновативни идеи на македонскиот пазар.