На 15 октомври на Економски факултет во Скопје, SWT Alumni Македонија ќе ја организира втората по ред Smart Up конференција, чија основна цел е да ги мотивира и да го поттикне претприемачкиот дух на младите во Македонија. На конференцијата, десет млади, успешни претприемачи кои беа дел од првата Start Up академија, во две минутна презентација ќе ги претстават своите бизнис идеи на кои работеа за време на првата Start Up Aкадемија.
Во продолжение, прочитајте за бизнис идеите на креативците Александар Илоски, Дарко Николовски и Горан Мојаноски
Александар Илоски – Just Squeeze It
Одбирам претприемништо пред вработување бидејќи мислам дека само така секој може да си го оствари својот сон и да делува креативно и слободно низ економијата и пазарот. Им препорачувам на младите да изберат претприемништво, пред се на оние кои искрено веруваат дека се спремни и можат да го сменат светот. Start Up Aкадемијата ја гледам како одлична можност за младите да се запознаат со предизвиците кои ги носи претприемништвото, неговите јаки и слаби страни, односно на некој начин да се уверат дека претприемач не се раѓа, туку тоа може да биде секој. Исто така преку Академијата ќе се здружат со млади личности кои размислуваат претприемачки, разменат идеи и искуства и дури и пронајдат свој партнер во бизнисот.
Краток опис на идејата
Првиот македониски дизајниран и создаден истиснувач за паста за заби. Истиснувачот ќе биде понуден на локалните продавници и како промотивен подарок на веќе познати брендови во оваа индустрија.
Дарко Николовски – Sell&Share
Не би сакал да зборувам за претприемништвото од гледна точка на претприемач затоа што реално се уште не сум тоа, меѓутоа можам да дадам свое мислење за тоа што мислам дека секој поединец коj што сака да постане претприемач би требало да го направи. Претприемништвото воопшто не е наивна работа, па пред што и да започнеме, потребно е да бидеме добро подготвени за предизвиците кои следат. Три работи кои што би ги издвоил како важни за постанување успешен претприемач се:
- Работното искуство
По завршувањето на образованието се уште не сме целосно подготвени за тоа што не очекува во новата работна средина, во која можеби и не е се така розово како што сме замислувале. Сметам дека работното искуство е на некој начин прилагодување на средината во која што подоцна треба да опстојуваме со сопствениот бизнис. Во тој период се учат многу работи кои што ќе бидат корисни при донесувањето на важни одлуки во основањето и растењето на своите бизнис идеи.
- Создавањето на мрежа на контакти
Подготвителниот период потребно е да се искористи за формирање на што повеќе нови контакти со луѓе кои што може да помогнат во подоцнежниот период кога се развива бизнисот. Што би рекол Seth Godin, доколку на еден семинар не го зголемиш својот адресар барем за три нови контакти, не си го губи времето да присуствуваш на истиот.
- Прибирање на знаење со читањето на книги и блогови
Имаме среќа што живееме во период кога информациите се многу лесно достапни до сите нас. Потребно е да го искористиме тоа. Има толку многу блогери претприемачи кои што ги сервираат информациите на добар и квалитетен начин и од кои може многу да се научи.
Доколку имате доволно познавање од овие три работи, не чекајте, започнете уште од денес со реализација на вашата идеја.
Start Up Aкадемијата за мене беше одлично искуство. Она што сакам да го потенцирам е фактот дека оваа Академија успеа да собере 30 млади амбициозни луѓе на едно место. Размената на идеи и мислења меѓу сите нас, како и групната динамика и атмосферата за време на сесиите придонесе за успешно стекнување на нови вештини и мотивација за реализирање на идеите. Ова не можете да го научите на ниту еден курс и во ниту една книга за претприемништо, ова е потребно да се доживее, затоа искрено би му ја препорачал оваа Академија на секој оној кој што сака да стане претприемач.
Краток опис на идејата
Sell&Share e on-line платформа која има за цел да го поедностави начинот на донирање преку интернет на тој начин што ќе им овозможи на корисниците, предметите што не ги користат, а се уште се употребливи да ги продадат, додека дел или во целост парите од продажбата да се насочат како донации за хуманитарни цели.
Горан Мојаноски – свежи сокови
Желбата сам да го организирам своето работно време и да придонесам за подобро утре со своето знаење и вештини се мотивите за избор на претприемништвото. Би им препорачал на сите млади да изберат да работат тоа што сакаат, а дали ќе биде преточено во нивен бизнис или во вработување зависни од тоа кои им се приоритети и мотиви во животот. Исто така, би им препорачал да не се обесхрабруваат поради страв од можен неуспех како претприемач, подобро е да грешиш додека си млад, бидејќи секој можен неуспех ќе ги направи посилни и повешти во понатамошното делување и додека се млади и да грешат нема некој друг да страда за нивните грешки. Првата Start up Aкадемија веќе има неколку успеси во период од помалку од година дена, што до сега никој ги нема постигнато во Македонија за толку краток период. Прво, од оваа Академија има три успешни претприемачки бизниси кои делуваат во Македонија. Второ, неколку идеи се во фаза на реализација и за краток период ќе ги опипаме и нивните плодови. Трето, дел од членовите на Академијата се финалисти и победници на неколку домашни и регионални натпревари за претприемништво. Оваа Академија овозможува да учиш од најпроминентни лица во бизнис секторот од Македонија како да развиеш и водиш бизнис, обезбедува информации за претприемачки натпревари каде што би можеле да се пријавиме и натпреваруваме за да ги обезбедиме потребните финансиски средства за реализација на нашите бизнис идеи. Од денешна преспектива можам да кажам дека уште многу бројни успеси ќе бележи оваа Академија и во иднина ја гледам како Академија од која произлегле најдобрите и најодржливите бизниси во втората декада од новиот милениум кои создаваат нови работни места и ја усовршуваат живеачката на граѓаните, не само во Македонија туку и во регионот. Исто така, очекувам овој концепт на Start up Академија да биде прифатен од повеќе земји во регионот и заедно се организира една регионална Start up Академија која на крајот ќе резултира со натпревари помеѓу самите учесници во Академијата, кои ќе бидат одржани пред регионална бизнис заедница.
Краток опис за идејата
Бизнис кој ќе произведува различни видови на свежи сокови. Ќе бидат доставувани во помалите пекари низ Скопје. Со продавањето на овие производи во пекарите. Целта е да се понуди здрав суплемент за време на појадокот или ручекот.