Најголемата електронска продавница во светот, Амазон планира да ја отвори првата невиртуелна продавница во Њујорк спроти познатата Empire State Building.
Продавницата ќе биде сместена во 12-катницата на 34-тата Улица, објави Wall street journal, повикувајќи се на анонимни извори.
Оваа невиртуелна продавница најмногу ќе се користи како помало складиште во кое ќе може да се презема стока на денот кога е закажана преку сајтот на компанијата. Исто така, ќе има функција на дистрибутивен центар со разнесувачи. Не е исклучена можноста порано или подоцна да се продаваат и уреди на компанијата, како што е читачот Kindle, паметни телефони и телевизиски плеери.
Доколку продавницата го постигне проектираниот успех, во план е отворање на слични вакви објекти и во други градови во САД. Амазон пред две години планирал во Сиетл да отвори своја продавница, но менаџментот на компанијата се откажа од идејата поради слабата фреквенција на луѓе во предвидената зона.
Затоа невиртуелната продавница ќе биде сместена во непосредна близина на Empire State Building, каде годишно циркулираат околу 4,3 милиони лица, а продавницата за непрехранбени производи Mаcys во близина привлекува повеќе од 20 милиони посетители годишно.
Амазон е најголемата светска on line продавница, што продава стока и услуги преку интернет. Покрај САД, компанијата е присутна и во Канада, Кина, Бразил, Јапонија и во европските земји.