На Економски факултет во Скопје, вчера се одржа втората по ред Smart Up конференција во организација на SWT Alumni Македонија, на која десет млади претприемачи пред присутните ги презентираа своите бизнис идеи, на кои работеа за време на првата Start Up Aкадемија.
Конференцијата ја отвори американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс, кој потенцираше дека е многу важно младите да го развиваат претприемачкиот дух и да не се откажуваат од своите идеи. Притоа, најважна е креативноста, да размислуваат за нови работи што досега не се направени, да смислат начин како да ја пополнат дупката на пазарот, да ја најдат потребата на потрошувачите. Треба да бидат свесни за ризикот, да бидат храбри и да бидат сигурни во себе. Сигурно дека по патот на успехот ќе грешат, но никако не треба да се откажуваат или обесхрабруваат. На крајот, на малите бизниси им е многу важна мрежата на поддршка, која ќе ги води напред.
На присутните им се обратија проф. д-р Билјана Секуловска Габер и доц. д-р Стојан Дебарлиев од Економскиот факултет Скопје, а своите идеи ги претставија Маја Илиевска, Дарко Николовски, Симона Ристовска, Горан Мојаноски, Оливера Костовска, Зоран Настески, Александар Илоски, Милан Митковски, Александра Стојановска, Александар Попоски.
Од гледна точка на потенцијалните инвеститори во понатамошен развој на презентираните идеи, ова е интересен настан со добро развиен концепт.
“Од презентираните идеи, неколку отскокнуваа, некои се веќе разработени во други земји, но од некоја причина, не се присутни кај нас. Дел од нив би можеле да се развијат во бизниси со лимитиран потенцијал, а една до две идеи би можеле да се развијат до крај. Мислам дека е добро да има вакви настани, кои ќе ги мотивираат младите, ќе ги тераат да размислуваат, но треба да се следи до каде ќе се развијат идеите, дали ќе најдат инвеститори. Можеби треба да се организираат средби директно со потенцијални инвеститори, пред кои подетално ќе ги презентираат своите идеи”, вели Васко Темелкоски, сопственик на Еуромак Контрол – инвеститор.
За своето искуство во 15-те години години постоење на македонскиот пазар, говореше и Елеонора Згоњанин Петровиќ, управител на Штедилници ФУЛМ. Таа на младите потенцијални претприемачи им препорача неколку работи: да внимаваат на износот што го бараат како кредит; да изберат тим на кој му веруваат; да зацртаат цел и да не отстапуваат од неа; постојано да учат и да се едуцираат и да пронајдат интернационална соработка за зголемување на ефикасноста.
Настанот беше поддржан од Американската амбасада во Македонија, Американската стопанска комора во Македонија, CEED Македонија и Економскиот факултет во Скопје.