Седум македонски винарии од здружението Вина од Македонија потпишаа договор со кинескиот увозник и дистрибутер Тиенџин за извоз на македонското вино.
Ќе се извезува флаширано вино, а за првата година е планирано да бидат извезени над 40 контејнери или околу 456.000 шишиња. Вредноста на договорот само за првата година е 1,5 милиони евра. Деновиве ќе бидат испратени првите количини вино.
„Кина е дестинација на која винариите со години се обидуваат да остварат успех поради фактот што традиционалните економии бележеа рецесии или мерки за штедење, а Кина и натаму продолжува со економскиот раст. Во моментот ги сметаме за многу голем пазар со потенцијал и овој договор веројатно го потврдува тоа”, истакна в.д. извршниот директор на здружението Вина од Македонија, Ѓорѓи Петрушев на денешната прес-конференција.
Во Македонија годишно се произведуваат околу 90 милиони литри вино. Според Петрушев она што останува како предизвик во иднина е да се смени перцепцијата кај странските консументи дека во Македонија има солидно евтино вино.
„Се уште сме перцепирани како земја од каде доаѓа многу евтино вино и тоа е главниот предизвик со кој во иднина треба да се справуваме. Треба да избегаме од перцепцијата дека од Македонија доаѓа солидно евтино вино. Винариите покажаа и докажаа дека можат да имаат квалитет и тоа го потврдуваат бројните награди кои ги добиваат. Останува предизвикот да се промовираме и да покажеме дека навистина од Македонија доаѓаат вина со висок квалитет“, вели Петрушев.