PANTHEON е-Сметководство: Првиот деловен софтвер (ERP) во Cloud во Македонија

389

Во организација на Даталаб МК, а во партнерство со Македонски Телеком АД – Скопје, се одржа конференција за е-Сметководство. На конференцијата учествуваа над 400 претставници од сметководствени бироа од цела Македонија, на кои им беше претставен новиот систем PANTHEON. Целта на новиот продукт, кој за прв пат се воведува во Македонија, е електронски начин на сметководство, олеснување на работата без користење на хартии и заштеда на компаниските ресурси.

Со новиот систем кој ќе биде овозможен преку Македонски Телеком од 2013 година, претпријатијата ќе имаат можност за пристап до современи деловни програмски решенија, а сметководителите ќе можат електронски да ги разменуваат податоците и да имаат увид и пристап до сите потребни информации за своите клиенти. Ова е првиот деловен софтвер во Cloud во Македонија, револуционерен систем преку кој корисниците и сметководствените бироа ќе имаат заеднички пристап до своите податоци од било каде, со што ќе заштедат време и пари.

“Она што ние го претставуваме е всушност комбинација од двете најбитни работи што можеме да ги понудиме, Cloud на Македонски Телеком и водечкиот софтвер за оваа намена во регионот и Република Македонија”, изјави Мирослав Јовановиќ, главен директор за ИТ на Македонски Телеком.

PANTHEON на сметководствените бироа им овозможува развој на деловно советување и финансиски анализи и услуги, заштедува време и нуди полесна размена на податоци. Истовремено, со него се добива и поголема прегледност и управување со деловните процеси, а нуди можност и за проширување на бизнисот во странство.

PANTHEON системот овозможува севкупна поддршка за бизнис процесите: од нарачки, фактури и човечки ресурси до сметководство, управување со производство и известување. Наменет е за претпријатија од сите големини и дејности, кои сакаат целокупна поддршка и интеграција во своето деловно работење. Со користење на овој систем, компаниите добиваат: едноставен и брз пристап до податоците, сигурност и безбедни копии, немаат трошоци за купување на сервери и лиценци, а вклучена е и автоматска надградба на софтверот.

Филијалата на словенечката компанија Даталаб во Македонија е и долгогодишен партнер со Економскиот факултет при универзитетот Кирил и Методиј, Машинскиот факултет во Скопје и со штипскиот Универзитет Гоце Делчев. Студентите во рамките на едукацијата на насоката е-бизнис го користат PANTHEON и со тоа имаат можност да се стекнат со многу квалитетно образование.

“Направен е голем напредок во соработката со економските институции. Нашата еду-програма им овозможува на студентите во рамките на нивната редовна студентска програма практично да изучуваат модерна алатка со која тие ќе работат на нивните работни места, а на Вас ви гарантира кадри кои можат веднаш да бидат вработени. Со цел уште повеќе да ги мотивираме, ние ги покриваме сите трошоци за тимските патувања на мини-олимпијадата Сметководство 2013 година, организирана од Бања Лука колеџ и економскиот факултет во Љубљана. Студентските тимови ќе се натпреваруваат во решавање на 50 реални проблеми од сметководството. Се очекува на натпреварот што ќе се одржи во мај 2013 во Бања Лука, да учествуваат тимови од преку 20 факултети од девет земји”, изјави Сашо Јовановски, директор на македонската филијала на Даталаб.

На еду – програмата се осврна и генералниот директор на Даталаб АД, Андреј Мертељ.

“Ова што денес го презентиравме е приказна која ја живееме во Словенија, но силно веруваме дека можe да се живее и во други земји. Сакаме да ги поврземе регионалните економии. Тоа ќе го направиме со нашата еду-програма и се надевам дека многу скоро ќе имаме соработка и со сметководствата од регионот”, изјави Андреј Мертељ.

Македонија го продолжува својот пат кон создавањето на модерно, сигурно и флексибилно бизнис опкружување. Напорите за создавање поволна бизнис клима за домашните и странските инвеститори, па и даночните и другите реформи сега се надоградуваат со воведување на електронско работење со државата односно создавање доверба во домашното сметководство. Поддршката и придонесот на бизнис секторот во модернизација на земјата има клучна улога.