Познатиот режисер Џорџ Лукас планира да гради музеј на уметноста, кој ќе го носи името Lucas Museum of Narrative Art. Дизајнот на зданието е на реномираниот архитект од Пекинг, Ма Јансонг од дизајнерската куќа MAD Architects, а проектот ќе чини околу 300 милиони долари.
Музејот, кој ќе изгледа како лебдечки диск поставен над четири ката изложбен простор, е планиран да се отвори во 2018 година. Освен тоа музејот ќе има и палуба за набљудување која ќе нуди панорамски поглед на езерото Мичиген и Чикаго.
Во музејот ќе бидат изложени парчиња од приватната колекција на креаторот на Star Wars во вредност од 600 милиони долари.
Освен место каде ќе може да се “искуси” наративната уметност, посетителите ќе имаат можност да ја видат и еволуцијата на подвижните слики – од илустрациите и кината, па се до дигиталните медиуми на иднината.
Музејот ќе биде и изложбен центар за дела од модерната уметност и ќе служи како место за едукативни настани.