Санди Чешко, сопственикот на Студио Модерна за siol.net: Во светот на бизнисот не помагаат политички врски

88

cesko

Претприемач кој се потпира на помошта на политиката е затворен во сопствената средина и не може да успее во светот, тврди словенечкиот претприемач Санди Чешко, сопственик на Студио Модерна, компанија со 7.000 вработени.

“Оние кои успеваат дома поради политика, ја губат конкурентноста на светскиот пазар, каде што тоа не функционира затоа што таму нема политички привилегии”, вели Чешко за порталот на Телеком Словеније, siol.net.

Чешко признава дека се уште е член на партијата Социјални демократи (СД), но тврди дека политички не е активен и дека членството во партијата не му помогнало во времето кога работел само во Словенија. Вели дека има политички врски, но никогаш не ги користел во работата, не учествувал во приватизацијата, ниту работел со државни фирми.

“Сега се занимаваме со директна продажба без посредници, на пазар од повеќе стотици милиони потрошувачи, тука никаква политика не ни помага”, вели Чешко за siol.net.

Неговата компанија Студио Модерна е регистрирана во Холандија и на Кипар, а работи во Европа, САД, Австралија и Јапонија. Се занимава со ТВ продажба, продажба преку телефон и интернет, а препознатлива е по производите од програмата Дормео и Космодиск.

Санди Чешко неколку години по ред беше прогласуван за најбогат Словенец, се до оваа година, кога со богатство од 390,7 милиони евра падна на втората позиција.

И покрај тоа што за него работат 7.000 луѓе, од кои 600 се во Словенија, Чешко на работа сам си прави кафе и чај. Сите хотели и авионски летови сам си ги резервира преку интернет, затоа што така му е поедноставно. Како што објаснува, кога би имал секретарка, прво би морал на неа да и објаснува што сака, за да може таа истото да им го пренесе на другите, а тогаш би постоела поголема можност да се згреши и подолго би траело.