НОВА ја отвори првата средношколска училница по кинески јазик во Македонија

51

Меѓународните училишта НОВА и Институтот Конфучиј при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје денеска отпочнаа соработка што подразбира организирање настава по кинески јазик во оваа образовна установа. Со чинот на потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете споменати институции, кинескиот им се придружи на францускиот, италијанскиот, германскиот и шпанскиот кои моментно се изучуваат како странски јазици во НОВА. Со отварање на првата средношколска училница по кинески јазик, Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, го продолжи својот проект за популаризација на кинескиот јазик и култура во Македонија. Оваа учебна година наставата по современ кинески јазик и култура ќе ја следат 14 ученици.

На присутните им се обратија ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, проф. д-р Велимир Стојковски и директорот на Меѓународните училишта НОВА, г-ѓа Венера Новаковска.

“Кинескиот е прв од источно-азиската група на јазици кој ќе се изучува во НОВА заедно со тие од европското говорно подрачје. Имајќи предвид дека Кина е сè поприсутна на светската сцена, ова е само почеток за отпочнување на подолгорочен процес на соработка во кој следни чекори би биле размена на ученици, како и евентуалното отворање на мултимедијална училница во НОВА посветена на кинескиот јазик и култура”, истакна Новаковска.

Отпочнувањето на наставата по кинески јазик во НОВА е уште еден чекор кон целта за меѓусебно приближувањето на двете култури.

Присутни беа и кинескиот директор на Институтот Конфучиј, проф. д-р Шиџонг Денг и македонскиот директор на оваа организација, проф. д-р Бранислав Саркањац.