НБРМ домаќин на четвртиот регионален состанок на супервизорски органи од регионот

21

Народната банка денеска беше домаќин на четвртиот регионален состанок на супервизорските органи од регионот на кој учествуваа претставници на Банката на Албанија, Агенцијата за банкарство на Босна и Херцеговина, Агенцијата за банкарство на Република Српска, Централната банката на Косово, Централната банка на Црна Гора и Банката на Србија.

Овој вид состаноци се одржуваат во рамките на Виенската Иницијатива 2, и имаат за цел утврдување заеднички настап на супервизорските органи од регионот во односите со Европската централна банка и Европскиот банкарски орган.

Состанокот го отвори гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, којшто го истакна значењето на ваквите средби за размената на искуствата и предизвиците во усогласувањето на супервизорската регулатива и пракса со европските стандарди, како и за воспоставување ефикасна соработка со институциите коишто се дел од механизмот на единствен супервизор во евро зоната. Значаен чекор напред во таа насока е склучувањето Меморандум за соработка на супервизорските органи од регионот со Европската централна банка и Европскиот банкарски орган, чијшто предлог – текст беше разгледан на состанокот.