Минатата година во Македонија функционирале над 50.000 фирми

43

Според податоците на Државниот завод за статистика за бројот и структурата на компаниите во Македонија во 2011 година, активни биле 53.645 деловни субјекти во нефинансискиот сектор, додека вкупниот број на вработени лица во нив изнесувал 342.233.

Во однос на заработката лани бил остварен вкупен промет од 924 милијарди денари (15 милијарди евра) и додадена вредност од 211 милијарди денари (3,4 милијарди евра).

Податоцита на ДЗС велат дека најголемо е учеството на деловните субјекти од секторот Трговија на големо и на мало 45,6%, каде што биле вработени 25,8% од вкупниот број на вработени во фирмите.

Во активните деловните субјекти во 2011 година во секторот Преработувачка индустрија, кој претставува 13,2%, биле вработени 33,7% од вкупниот број на вработени лица, додека вкупниот остварен промет во овој сектор бил 27,9%.

Според ДЗС најголемо учество во вкупната додадена вредност, пресметана според трошоците за факторите на производството, имале претпријатијата од секторот Преработувачка индустрија (26,0%). Потоа следат секторите: Трговија на големо и на мало (24,4%), Градежништво (8,6%), Информации и комуникации (8,5%), Транспорт и складирање (8,4%) и секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (6,6%).

Секторот Дејности во врска со недвижен имот имал најмал придонес во додадената вредност, само 1,7%.