УСАИД и помага на општина Боговиње да ја намали можноста за поплави

62

Директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стajн, вчера им се придружи на граѓаните на општина Боговиње во прославата за успешното завршување на активноста – чистење на речното корито од отпадоци во селата Пирок, Камењане, Палчиште, Ново Село и Боговиње. Како дел од оваа дејност во општината беа засадени дрва по должината на брегот на реката со цел да се избегне ерозија на земјиштето. Оваа активност беше реализирана во текот на учеството на општина Боговиње во проектот на УСАИД за подготовка на општински стратегии за справување со климатските промени и истата влијае врз намалувањето на потенцијалните штети предизвикани од поплави. Покрај тоа, оваа рурална општина зависи од речните канали како систем за наводнување на земјиштето и со отстранувањето на отпадоците општината во голема мера ја подобри ефикасноста на тој систем.

“И покрај тоа што денеска го прославуваме ова достигнување, сè уште постои многу работа која што треба да се сработи. Во план е чистење на речните корита во Пирок и Ново Село, како и садење на уште повеќе дрва тука во Боговиње. Јас особено сакам да го поздравам планот општината за офомување на јавно претпријатие за собирање на отпад заедно со општините Врапчиште, Брвеница и Желино. Ова е значаен чекор кон обезбедување на долгорочно влијание на вашите напори за чиста околина”, рече Стајн, директорот на мисијата на УСАИД.

Градоначалникот на општина Боговиње, Хазби Идризи, и директорот на Проектот на УСАИД за подготовка на општински стратегии за справување со климатските промени, Игор Славкоски, исто така имаа свои обраќања, пред заедно симболично да засадат дрва во општинскиот парк.

УСАИД контрибуираше повеќе од 20.000 долари за да и помогне на општина Боговиње да ја заврши првата фаза од оваа активност. Општината пак издвои приближно 7.000 долари.

Дополнително чистење и уредување на земјиштето со цел да се намали ерозијата е планирано да се изведе оваа година, а Проектот на УСАИД за подготовка на општински стратегии за справување со климатските промени веќе работи со локалното раководство и со жителите на општина Боговиње на развојот на долгорочна стратегија за климатски промени, која директно ќе ја рефлектира специфичната ситуација и потребите на локалното население.