Минатата година во Македонија имало 70.659 активни деловни субјекти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Најголемо учество во структурата имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 24.674 субјекти или 34,9% и Преработувачка индустрија со 7.675 субјекти или 10,9%.
Најмала застапеност имаат секторите: Рударство и вадење на камен со 180 субјекти или 0,3% и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 151 субјект или 0,2%.
Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество од 85,2% имаат деловните субјекти со од еден до девет вработени. Потоа следат деловните субјекти без вработени или субјекти со неутврден број на вработени (без податок за вработени) со 5,6%, па субјектите со од 10 до 19 вработени со 4,4%, потоа субјектите со од 20 до 49 вработени чие учество изнесува 2,6%, со 1,8% учествуваат субјектите со од 50 до 249 вработени и само 0,3% од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.