За 30.000 фирми почнува постапката за бришење со тоа што им се дава можност на оние кои предвидуваат стечајна постапка за тоа да го известат Централниот регистар во рок од една година, пишува Миа.
“Тие не се бришат веднаш, туку почнува постапката за бришење со тоа што им се дава можност на сите оние кои предвидуваат стечајна или ликвидациска постапка во текот на една година да го известат Централниот регистар за тоа. Тоа е направено најмногу заради заштита на доверителите, односно доколку има можност тие да ги наплатат своите побарувања. Оние за кои нема да добиеме известување дека ќе почнат ликвидациска постапка по истекот на една година ќе бидат избришани“, истакна директорот на Централниот регистар Андреа Поповски, одговарајќи на новинарско прашање по денешната средба со Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.
Измените на Законот за трговски друштва што стапија на сила од први јануари годинава, предвидуваат два услова за бришење – доколку субјектот нема поднесено годишна сметка и доколку нема запишано емаил адреса до 31 декември 2014.