Социјалното претприемништво во Македонија ги прави првите чекори   

41

konekt

Социјалното претприемништво во Македонија е во своите првични стадиуми на развој, но постоечките социјални претпријатија покажуваат дека има потенцијал за раст и развој на овој концепт и кај нас. За разлика од Европа, каде социјалната економија придонесува за околу 10% од БДП, а секое четврто новоосновано претпријатие е социјално, ние сме одвај на почетокот соочувајќи се со бројни предизвици. За што сè треба да се направи за да се овозможи поттикнувачка рамка кај нас, се дискутираше на информативната средба за социјално претприемништво во РМ, организирана од страна на здружението Конект.

„Развојот на социјалното претприемништво во Македонија е неопходно да биде стратешки поддржан и да се интегрира во плановите за економски и одржлив развој. Во поддршката на социјалната економија потребно е да се вклучи пошироката бизнис заедница паралелно со јавните институции и агенции како и граѓанскиот сектор“, вели Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.

Социјалните претпријатија се карактеризираат со тоа што, иако користат претприемачки принципи, се стремат да и служат на заедницата. За разлика од другите бизниси, профитот кај овие претпријатија се реинвестира за постигнување на конкретна општествена промена. Тие нудат иновативни приоди за одржлив и рамномерен развој, неретко обезбедуваат добра и услуги за маргинализираните и неразвиени заедници и вработуваат лица од ранливи групи.

Една од поуспешните приказни за социјално претпријатие во Македонија е единственото улично списание „Лице в лице“, кое обезбедува работен ангажман за околу 40 маргинализирани лица (млади на улица, лица со попреченост, бездомни лица итн.).

За да се поттикне развојот на овој концепт на претпријатија, потребна е заокружена рамка на национални политики која треба да овозможи: 1) дефинирање на социјалното претприемништво и социјалните претпријатија во македонскиот контекст; 2) отстранување на сите законски пречки за делување преку креирање на флексибилни механизми, можност за социјални иновации како и фискални и даночни бенефиции и; 3) добро осмислени, балансирани и сеопфатни стратегии и програми за поттикнување и развој на социјалните претпријатија имајќи ги предвид споменатите предизвици и потреби.

Информативната сесија е дел од проектот „Обуки и промоција за развој на социјалното претприемништво“ финансиран од Министерството за економија на Република Македонија, а спроведуван од Здружение Конект.