СКМ: Сертификати за кадрите од областа на енергетската ефикасност

38

Македонија не заостанува многу зад другите европски земји во однос на енергетската ефикасност, кадри од оваа област има, но добро е тие да се сертифицираат, велат од Стопанската комора. Во ваков случај и градежниот сектор би бил поконкурентен, пишува Миа.

На Македонија ѝ се потребни најмалку 9.600 обучени работници за да ја реализира стратегијата која предвидува до 2020 година енергетски ефикасни да бидат 35% од јавните објекти.

“Во земјава постои кадар кој работи на енергетски ефикасни објекти, но тоа засега не е препознаено. Проектот ’Билд – ап скилс’ почнува со обука на тренери кои своите вештини за енергетска ефикасност потоа ќе ги пренесат на работниците“, истакна денеска Јадранка Аризанковска од Дирекцијата за меѓународна соработка при Комората.

Повикот е распишан пред пет дена и ќе трае до 15 март. Кандидатите треба да имаат завршено високо образование во областа на градежништвото, електроенергетиката, архитектурата и машинството, четиригодишно средно техничко или тригодишно стручно со трет степен на квалификации. Потребно е и работно искуство од најмалку пет години во струката, како и минимум две години во спроведување мерки за енергетска ефикасност.