По повод својот 20-ти роденден, македонската компанија со најдолго искуство од областа на интернет технологиите – Унет, доделува двегодишна целосна стипендија и платена пракса со можност за вработување на студент од факултетот ФИНКИ кој ќе покаже најдобар талент за концепт и реализација на веб страна.
Конкурсот важи за редовните студенти од 3-та година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), од одделот подготовка на е-технологии со освоени 120 до 180 кредити.
Веб страната треба да биде изработена до 15.04.2015 година, а добитникот на стипендијата ќе биде објавен на свечениот настан на компанијата 20 ГОДИНИ УНЕТ.
“Унет работи во област каде промените се динамични, а преку спојот на младите таленти и докажаните професионалци, овој проект ќе биде доказ за нашиот влог во перспективните инженери. Затоа упатувам охрабрување и повик до сите идни веб програмери и дизајнери да се пријават на конкурсот”, изјави Анета Антова Пешева, директорка на Унет.
Како прв и единствен провајдер во државата во периодот на неговото формирање, со мал број на dial up пристапни линии, Унет еволуираше и прерасна во една од поголемите компании во Македонија од бизнисот со напредни технологии. Со брзи и континуирани промени во технологијата и во организацијата на своето работење, како и со појавата на конкуренцијата на пазарот на овој тип на услуги во Македонија, Унет ги постави стандардите за квалитет на интернет сервисите и напредните технологии во државата.