Со половина милион евра, добиени од ЕУ – ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција, во летната сезона Дојран на туристите ќе им понуди нови содржини меѓу кои најголема атракција ќе биде првата жичара на вода во земјата која ќе се гради токму на Дојранското езеро, пишува Миа.
“Изградбата на водениот парк односно жичарата на вода е наш приоритет во рамки на проектот Фејс Дојран и се надеваме дека ќе биде готова и ќе ја отвориме во текот на летниот период“, рече градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.
Тој информира дека проектот вклучува и други активности како мапирање на велосипедски и пешачки патеки на ридовите над Дојран околу фронтовата линија од Првата светска војна.
Проектот предвидува уште изработка на промотивни материјали, туристички пакети за содржините кои се нудат, како и веб платформа преку која ќе може да се изврши резервација за сместување.
Вкупниот буџет на проектот Фејс Дојран што заедно го реализираат општините Дојран и Кукуш, изнесува околу 800.000 евра.