Потрошувачки трендови за 2013: Влегуваме во ера на супер-стрес

50

stress-2-pixabay

Фото: Pixabay

Хрватската филијала на познатиот светски маркетинг и комуникациски ланец JWT, Студио Маркетинг JWT, и оваа година направи прогноза на трендови што ќе влијаат на однесувањето на потрошувачите во 2013 година.

Прогнозата на JWT за овие седум трендови е резултат на темелно истражување, собирање и обработување на податоци од целиот свет. Во прогнозата се вклучени податоци од преку 70 JWT планери од 24 земји во светот, со преку 15 експерти и влијателни професори од секторите на малопродажба, медиуми, технологија, урбано планирање, психологија и образование, пренесува Бизнис.хр.

1. Ера на супер-стрес

Иако животот секогаш бил полн со стресови, големи или мали, сега тие се множат повеќекратно – влегуваме во ера на супер-стрес. И како што овој феномен се повеќе станува препознатлив како сериозен здравствен и економски проблем, така и владите, работодавците и брендовите ќе мораат да направат многу повеќе за да се спречи или редуцира.

2. Паметни предмети

Секојдневни предмети се развиваат во паметни технолошки уреди со проширена функционалност. Како што се повеќе обични предмети стануваат интерактивни, интелигентни објекти, така нашата интеракција со нив станува поинтересна и покорисна.

3. Предвидена персонализација

Анализата на податоци станува поефективна, науката пософистицирана и потрошувачите генерираат повеќе мерливи податоци од порано. Брендовите се се повеќе во состојба да ги предвидат однесувањето, желбите и потребите на клиентите и да понудат многу прилагодени и прецизно комуницирани услуги.

4. Експлозија на сетила

Во дигиталниот свет, каде поголемиот дел од животот се одвива виртуелно и онлајн, најмногу се потпираме на сензорни надразнувања. Трговците ќе бараат повеќе начини како луѓето да ги вклучат сетилата и како надразнувањата да бидат посилни, а потрошувачите од друга страна ќе очекуваат уште помоќни производи и доживувања.

5. Сеприсутна продажба

Шопингот се трансформира од активност што се одвива во физички продавници или онлајн во размена на вредности што може да се одвива на повеќе нови, иновативни начини. Поради тоа што скоро се може да биде малопродажен канал, во голема мера благодарение на мобилната технологија, марките мораат да бидат се покреативни во тоа каде и како да ја продадат својата стока.

6. Моќта на размената

Како што се шири пазарот на размена, по големина и опсег и тоа не само по стоки, туку и по разни услуги, така ќе опфаќа и нови гранки – од сместување и едукација, до туризам и транспорт.

7. Приватноста во јавност

Во време кога јавниот живот станува општествена занимација, луѓето смислуваат креативни начини да се изборат за приватен простор во својот живот. Наместо отфрлувањето на денешната сеприсутност на социјалните медиуми, ние ги користиме сите предности на одржување на дигиталниот идентитет редефинирајќи го постапно поимот за приватност во 21 век.