Програма за промовирање на извозните потенцијали на домашни компании

46

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот реализира програма за промовирање на извозните потеницијали на домашните компании. Веќе има резултати и потпишани договори на македонски со унгарски компании, а ќе се подготвува и бизнис форум во Унгарија, пишува Миа.

Агенцијата информира дека е потпишан договор меѓу Луна Комерц и Hungarowool, за извоз на домашна волна на унгарскиот пазар. Одржан е и втор циклус директни онлајн средби меѓу претставници на домашни извозно ориентирани компании и економските промотори. На оваа средба учествуваа компании од прехранбениот сектор Дониа, Витаминка, Агрофруктус и Хина продукт.

Александар Ѓуроски, менаџер за извоз во компанијата Витаминка смета дека овој тип состаноци се мошне корисни за продлабочување на меѓусебната соработка, подобро запознавање на промоторите со производниот асортиман, како и нивниот ангажман во воспоставување контакти со увозници на храна, дистрибутери, синџири на супермаркети и хипермаркети, во земјите каде се упатени.

Агенцијата подготвува бизнис средби и претставување домашни компании во Унгарија пред најголемиот ланец на супермаркети во Унгарија TESCO. Интересот од домашните компании засега е голем и се очекува значителен дел од нив да учествуваат на планираните B2B средби и евентуално потпишување договори за соработка.

Директорот на Агенцијата Климент Шекеровски истакнува дека поттикнувањето на извозот на домашни производи претставува исклучително важен аспект во работата на Агенцијата со која раководи и во континуитет се преземаат серија активности кои треба да им помогнат на домашните компании и потенцијалните извозници да бидат идни катализатори на економскиот раст на македонската економија преку зголемување на обемот и вредноста на нивните извозни активности, а со тоа  и обезбедување на долгорочна одржливост и поголема профитабилност на самите компании.

Како што наведуваат во соопштението, овој проект, чиј прв циклус почна со практична имплементација во ноември 2014, година овозможува непосреден придонес на Агенцијата кон унапредувањето на извозот на македонските производи на начин што овозможува домашните компании да го презентираат своето производно портфолио и подготвеноста на нивните капацитети за извоз, а економските промотори да добијат корисни информации кои ќе ги искористат за промовирање на овие компании за изнаоѓање странски купувачи и пристап до пазари во земјите што ги покриваат промотерите.

Агенцијата на квартално ниво во континуитет ќе го спроведува проектот и ќе одржува средби од ваков вид и останува отворена за заинтересирани компании да земат свое учество во проектот.