Радио Бубамара денеска прославува 20 години постоење со весела еколошка акција за голем број љубители на природата и на добрата музика.
Во акцијата ќе се организира собирање и селектирање на пластични шишиња, ќеси, конзерви и друг отпад што се наоѓа околу планинарските патеки на Водно.
Освен Црвениот крст, планинарски и маунтбајк-друштва, здруженија и средни училишта, во акцијата поканети се и вработените од Град Скопје, скопските општини, граѓани, компании, еколошки друштва и рекреативци што ја сакаат природата и го знаат значењето на зелено, чисто и пошумено Водно, пишува Макфакс.
Пакомак ќе постави контејнери за селектирање на отпад на 4 пунктови: кај полициската станица во подножјето на Водно, средно Водно на паркингот кај влезот на жичарата, на паркингот кај Пантелејмон и на врвот кај Милениумскиот крст.
Акцијата почна со симболично садење на дрва и чистење на Водно со поддршка од скопските извиднички друштва, Пакомак и рок-легендите Влатко Стефановски и Парни ваљак, а ќе продолжи со мал еколошко-планинарски концерт, садење на 40 дрва и креирање на цветно паркче.
Пластичните шишиња и ќесите во природата имаат негативно влијание врз почвата и развојот на целата вегетација, а за нивното распаѓање потребни се повеќе од 500 години, затоа сите граѓани кои во следните две недели за време на викендите ќе го посетат Водно или која било планина, нека земат со себе ќесичка и нека соберат барем по десет отпадоци, а отпадот нека го фрлаат во контејнерите на Пакомак, кој покрај Град Скопје и водечките општини е еколошки партнер во оваа акција и ја обезбедува целата логистика и подигање на собраниот отпад. Во акцијат можат да се вклучат сите граѓани, компании и институции, под мотото: Не е време за на улица, време е за во – шума! Да го исчистиме ѓубрето од Водно!