Поради увезеното брашно домашното остана непродадено

58

brashno-product_[706]Мелничарите во Македонија се загрижени за својот опстанок откако Владата ја укина одлуката за условен увоз на брашно со претходен откуп на домашна пченица.

Како што и самите истакнаа на денешниот состанок во Стопанската комора, тие имаат огромни залихи поради тоа што во земјава најмногу се продава увезеното брашно од Србија, кое е поевтино за шест до девет денари од домашното.

Според претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Комората, Николчо Георгиев од Макмлин, ако не се преземат соодветни мерки, годинашната пченица чие производство споредено со лани е поголемо за 20%, ќе остане неоткупена.

“Досега имавме разбирање од Владата и секогаш и излегувавме во пресрет, особено за време на жетвата. Очекувавме мерката што беше укината на 1 ноември 2012 да трае до Нова година или најдоцна до март 2013”, нагласи Георгиев.

Преработувачите ќе бараат поголема контрола на увезеното брашно и воведување маркички за произведено декларирано и увезено брашно.

Според последните податоци од Стопанската комора од 1 ноември 2012, кога се укина владината заштитна мерка, па се до денес, увезени се 12.000 тони пченично брашно главно од Србија, но се смета дека брашно се увезува и од Косово и БиХ.