Продолжува акцијата на Пакомак и Тинекс за пролетно чистење

48

Akcija staklo 2

Пакомак и Тинекс маркет го активираат локалното население од скопската населба Карпош 4 во акцијата – Пролетно чистење на подрумите, се вели во соопштението.

“Оваа иницијатива ги мотивира граѓаните да ги исчистат своите подруми, шпајзови, лоѓии и други простории и да се ослободат од стаклото што не го употребуваат, а кое со години фаќа прав и пајажина“, стои во соопштението на Пакомак.

Акцијата што се реализираше на 16-ти и 17-ти мај беше одлично прифатена, а за само два дена беа собрани над 7.500 килограми стакло, кое се одложуваше во специјализираните контејнери поставени пред двата Тинекс маркети во Карпош 4. За 7 шишиња или тегли, граѓаните добиваа пролетно семе за цвеќе за своите тераси и дворови.

“И првата и втората фаза од акцијата Пролетно чистење на подрумите ни потврди дека ваква иницијатива одамна недостасувала, а количината на собраното стакло потврдува дека многумина од нас чуваат нешта кои навистина никогаш не ги употребуваат. Но, веќе е познато дека она во што другите гледаат отпад, Пакомак гледа корисен материјал. Затоа ги повикувам сите да се ослободат од стаклото кое повеќе не го употребуваат, а ние ќе се погрижиме да го рециклираме“, изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.

Тинекс маркетите се трудат да овозможат поддршка на проекти од општествено значење и подобрување и унапредување на околината. Заедно со Пакомак и со потрошувачите покажаа висока свест и одговорност кон животната средина и еден од најголемите  предизвиците на современото живеење – отпадот.

Стаклото зафаќа голем дел од домаќинскиот и индустрискиот отпад, сметајќи на тежината и на густината на материјалот. Се произведува од природни материјали е идеален материјал за рециклирање, бидејќи може да се рециклира бесконечно.