Редовно задоволување на побарувачката со енергија значи енергетска сигурност

43

Енергетската сигурност подразбира редовно задоволување на побарувачката на енергија при одржливи, еколошки прифатливи услови и цени кои не го забавуваат економскиот развој и не го загрозуваат животниот стандард на граѓаните, пишува Миа.

Ова го изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски во обраќањето на семинарот Прашања за енергетската транзиција и нејзините последици во Македонија, што се одржува денеска во Скопје организиран од амбасадите на Германија и Франција во Македонија.

“Поголемата разнообразност ќе ја зголеми конкурентноста, а со тоа ќе обезбеди сигурно снабдување со енергија и одржливи цени на енергенсите“, рече Пешевски.

Еден од главните предизвици е да се продолжи со усогласување на секторот енергетика со целите на ЕУ во однос на енергетиката и климатските промени, вклучително и отворањето на енергетскиот пазар по зацртаното сценарио, намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на енергетската ефикасност, учеството на гасот и обновливите извори на енергија.

Тој најави дека годинава треба да се донесе новата стратегија за развој на енергетиката до 2035 година со која ќе се утврдат целите за долгорочен развој, а следната година програмата за нејзина реализација.