Четири сортни вина на винаријата Стоби добија златни медали на најстариот вински натпревар во светот Вино Љубљана, којшто се одржа на крајот на мај во главниот град на Словенија.
Овој престижен настан е рангиран меѓу 10-те најелитни вински случувања, а годинава беа оценувани 358 вина од 21 држави, меѓу кои и Јапонија, Уругвај, Нов Зеланд, Аргентина, како и од Македонија.
Одлуката за тоа кои ќе бидат наградени ја донесоа 40 критичари од 11 земји, а на Стоби му припаднаа четири први места за Кабарне совињон 2012, Сирах 2011, Вранец веритас 2012 и Аминта 2013. Македонската винарија и минатата година беше дел од Вино Љубљана, кога Шардоне барик 2013 беше прогласен за севкупен шампион во категоријата бели суви вина.
Стоби неодамна учествуваше и на Балканскиот вински натпревар каде што освои сребрен медал за Грашевина 2014 и три бронзи за Вранец Веритас 2011, Петит Вердот 2011 и Роксана 2012. Винаријата од самото основање учествува на натпревари низ целиот свет и досега има освоено медали на повеќе престижни вински настани во Германија, Франција, Велика Британија, Словенија, Чешка, Хрватска, Словенија итн.
Не стивнуваат и позитивните критики за македонските вина кои доаѓаат од Америка каде што Стоби извесен период е присутен на пазарот. Престижниот весник Волстрит журнал пред околу еден месец ја рангираше македонската Жилавка меѓу топ пет пролетни вина во светот, додека реномираниот Вашингтон пост го препорача Вранец 2012.