Македонски бизнисмени во работна посета на Канада

38

Македонски извршни директори, менаџери и претставници на бизнис секторот, предводени од Македонија 2025, остварија работни посети во околу 15 канадски компании. Посетите беа организирани во насока на стекнување нови искуства и знаења, остварување нови контакти, како и можности за идна соработка, пишува Миа.

На учесниците во студиската тура им беа претставени многу новини во водењето бизнис во Канада, имплементирање проекти за опслужување клиенти, алтернативни финансиски инструменти и иновативни ИКТ решенија и софтвери.

Поголемиот дел од претставниците на компаниите кои беа посетени се успешни професионалци од македонската дијаспора. Посетени беа и канадски компании, како Ronald Chisholm, Service Works Group, Honeywell, St. Joseph’s Hospital, CSA Group, Deloitte Canada, Go Transit, Conundrum Capital, Cross Link Bridge, Telus, Purpose Investments, Richard Ivey School of Business, Gibraltar Company,…

Во текот на студиската тура, учесниците имаа можност да ја посетат и извршната програма за водење одржлива стратегиска промена во бизнисот на Школата за Бизнис, Шулих дел од Јорк Универзитетот во Канада. Целта на оваа програма е да се осмисли и промени стратегијата на водење бизнис во една компанија.

“Целата студиска тура беше одлично искуство. Компаниските посети беа беспрекорно организирани. Слушнавме многу успешни приказни, искуства и се стекнавме со знаења за една нова бизнис култура што ќе претставува добар почеток за влез на нови пазари“, изјави Павле Грнаров, извршен директор на Завар Компани, Скопје, кој беше еден од учесниците.

Во истиот период се одржа и традиционалната средба со дијаспората чиј домаќин беше Џон Битов Помладиот, коосновач и член на одборот на директори на Македонија 2025.